ЕТНОАСТРОНОМИЈА

традиционална астрономија на македонскиот народ

Етноастрономијата ги истражува народните верувања поврзани со небесните појави.

На територијата на нашата држава од 1982 година се вршат континуирани истражувања, при што се откриени низа верувања и обичаи поврзани со небесните тела и појави.

Ова се само дел од наодите…

КОСМОЛОГИЈА

Три света

Кај македонскиот народ се верува дека постојат три света: долен свет, наш свет и горен свет.

Во некои краеви се верува дека долниот свет се наоѓа во вода, а во него постојат водени луѓе и животни исто како и во нашиот. Постои предание во с. Извор дека луѓето успеале да фатат еден воден човек. Тие успеале да го намамат да излезе поставајки на брегот едно рало чевли. Но, водениот човек ништо не сакал да им каже за долниот свет и постојано плачел. На крај тие се сожалиле и му дозволиле да се врати во долниот свет.

Во други краеви се верува дека долниот свет се наоѓа под земјата. Во Младо Нагоричане постои предание дека троjца браќа го бркале крадецот што им ги земал јаболката. Следејки ја крвта тие стигнале до една дупка на која не и се гледало дното. Најмалиот брат заврзан со јаже, се спуштил до дното на дупката и така се нашол во подземниот свет. Таму здогледал ранета ламја и три убави моми. Околу ламјата имало многу злато, убава облека и бериќет, сè она што ламјата крадела од нашиот свет и го носела во долниот свет.

Горниот свет се наоѓа на небото и најчесто се верува дека таму живеат душите на умрените. Но, постојат и верувањa дека на небото постои иста земја како нашата и исти луѓе. Кога Господ ги прекорува небесните луѓе, тогаш ние тоа го слушаме како грмење.

Земја

Земјата е бескрајна рамна плоча која плови на вода. Постојат и верувања дека Земјата стои на диреци или на рогови од волови или биволи. Во с. Ораше се верува дека Земјата има крај. Тој се замислува како голема и вечно темна пустина каде што живеат диви луѓе.

Планините и рамнините настанале уште во времето кога Господ одел по Земјата. Тој одел по светот со торба полна земја и камења. Каде што ќе фрлел земја станувало рамница, а каде ќе фрлел камења станувале ридови и планини. Понекогаш торбата ќе му се истурела и тогаш настанувале големи планини и долини.

Земјотреси

Земјата е рамна и стои на дирек за кој е врзан бивол. Кога биволот ке се помрдне или ке се почеша од дирекот тогаш се случуваат земјотреси. Биволот понекогаш го лиже дирекот за тој да се истенчи, да се скрши, за да побегне. Затоа на празникот Спириден ковачите три пати чукаат на наковалната за да се здебели дирекот и да ја спасат Земјата од пропаст. Во некои краишта, наместо бивол се верува дека за дирекот е врзан ѓаволот. Кога ѓаволот го гризе дирекот, за да се ослободи од него, тогаш и земјата се тресе.

Небо

Небото наликува на голем вршник. Тоа нема крај и колку што е широко толку е и високо. Најчесто верување е дека тоа стои потпрено на високите планини и таму луѓето ја наоѓале поврзаноста помеѓу Небото и Земјата.

Во некои делови се верува дека постојат повеќе неба. Така во с. Муртино се верувало дека ѕвездите се наоѓаат на третото небо, а под нив се наоѓаат Сонцето и Месечината. На празникот Прочка небото и земјата се проштеваат и тогаш небото се отвара. Тој што ке го види ова, што и да посака ке му се оствари.

Сонце

Сонцето секаде се сметало за нешто што е најубаво, најдобро и најчисто во целиот свет. Но, кога на небото ке се појавеле три Сонца, народот верувал дека тоа е лош знак. Во с. Ораше верувале дека порано имало три Сонца, но едното го изела змија, второто отишло под земја таму да грее, а третото е ова што нас не грее. Во с. Ранковце верувале дека Сонцето и Месечината се син и мајка. Тие верувале дека секогаш кога Сонцето ке ,,зајдело“, Месечината, неговата мајка, му давала да јаде. Но, еден ден немала што да му даде за јадење, па му дала половина од себе за да го најаде. Од тогаш Месечината почнала да свети послабо од Сонцето.

Месечина

Народот верувал дека Месечината се менува на секои 15 дена. Во с. Ранковце се вели дека некоја „маѓесница“ ја симнувала Месечината кога била гладна и ја јадела. Затоа таа станувала како срп. Потоа ја враќала на место и чекала 15 дена за повторно да се наполни. Потоа повторно ја симнувала и ја јадела. Ете затоа Месечината се менувала на секои 15 дена.

Месечината немала секогаш ваков лик. Порано таа била посјајна. Но, еднаш се сретнала со Cонцето и не сакала да му даде пат. Сонцето се налутило, зело една лепешка и ја удрило Месечината. Од тогаш таа има шари и помалку свети.

Месечеви мени

Особено важна улога во животот на луѓето во минатото играла Mесечината и нејзините фази. Младата Mесечина во народот се нарекува Новина. Тоа е период кога се започнувале сите важни работи, градење куќи, орање на нивите и нивна сеидба. Исто, тогаш било време кога се правеле веридби и свадби, затоа што се сметало дека како што Месечината „расте“, ќе донесе плоден и бериќетен живот, многу деца и радост.

На полната Месечина и се восхитувале исто како и на Сонцето. Постојат многу приказни дека има жени маѓеснички кои имале ритуали со кои ја симнувале Месечината, ја претварале во крава и ја молзеле. Потоа со тоа млеко изработувале разни лекови и маѓеснички напитоци.

Фазите после полна Mесечина се нарекуваат Погибел, Расип, Изедовина и слично. Во тој период не се почнувала никаква важна работа, затоа што се верувало дека ништо нема да успее. Тогаш се изработувале само лекови и се почнувало со лечење на болни со верување дека болеста ќе „се изеде“ како што се јаде Месечината.

ЅВЕЗДЕНО НЕБО

Кај македонскиот народ постои судбинска поврзаност помеѓу луѓето и ѕвездите. Се верувало дека кога ке се роди некој човек тогаш се раѓа и нова ѕвезда на небото, а кога ке умре ѕвездата гасне. Ѕвездите на големите луѓе се посјајни, а на сиромашните помалку сјајни. Според ѕвездата може да се предвиди и судбината на детето. Ако по раѓањето се појави сјајна ѕвезда на небото тоа значи дека детето ке порасне во голем човек.

Соѕвездија

Ѕвезденото небо го делиме во три големи групи. Северното небо може да се види секоја вечер. Јужното небо се дели на зимско и летно небо, затоа што во народот се познати само овие две годишни времиња. Лето е од Ѓурѓовден до Митровден, а зима од Митровден до Ѓурѓовден.

Во преданијата на македонскиот народ одредени сјајни или лесно препознатливи групи на ѕвезди формираат соѕвездија или групи на соѕвездија каде што најчесто поединечните ѕвезди представуваат одреден објект или лик.

Така на пример, во соѕвездието Орион, кај македонците сјајната ѕвезда Бетлгејз претставува Орач, во појасот на Орион се прикажуваат Рало со волови, а најдолните две сјајни ѕвезди, Ригел и Регулус го формираат соѕвездието Терезија. Или, најсјајната ѕвезда од ѕвезденото јато Плејади кај нас е позната како Квачка, а послабите ѕвезди се пилиња.

Касиопеја

Уши

На северното небо доминираат две соѕвездија од кои едното е Уши, познато во астрономијата како Касиопеја. Уши представува дел од дрвен плуг кој влегува во земјата при орање.

Орион

Орач со волови

Орач

Рало

Терезија

Соѕвездието Орион кај нас е група на соѕвездија, Сјајната ѕвезда Бетлгејз е Орач, кај појасот на Орион се наоѓа Рало со волови, а долните сјајни ѕвезди се Терезија. Орачот се вратил по остенот кој го заборавил и затоа се наоѓа подалеку од ралото.

Плејади

Квачка

Едно од најпознатите соѕвездија кај нас е Квачка. Таа се наоѓа во ѕвезденото јато Плејади. Најсјајната ѕвезда ја представува квачката а послабите се пилиња.

Големо и мало куче

Волци

Сјајните ѕвезди Сириус од Големото Куче и Проксион од Малото Куче кај македонците се Волци. Тие ги демнат воловите во моментот кога Орачот ги напуштил за да го земе остенот.

Кочијаш

Петел

Сјајната ѕвезда Нат од астрономското соѕвездие Кочијаш кај нас е позната како Петел. Тој се наоѓа во близина на соѕвездието Квачка со пилињата.

Северна Круна

Софра

Соѕвездието Северна Круна кое е лесно препознатливо по својот полукружен облик кај македонците се нарекува Софра. Понекаде се среќава и под името Трло или Бачило.

Бик

Лисица со свињи

Во главата на соѕвездието Бик македонците препознаваат две соѕвездија. Сјајната ѕвезда Алдебаран која има црвеникав сјај е Лисица, додека ѕвезденото јато Хијади се Свињи.

Персеј

Јарем

Отсечената глава на Медузата од Персеј кај македонците го претставува соѕвездието Јарем, уште еден прибор кои се користи при земјоделски работи, најчесто за впрегнување на волови.

Кочијаш

Јастреб

Јастреб, како еден од најпознатите непријатели на Квачката и Петелот, се наоѓа веднаш над нив во напаѓачка позиција. Тоа е светлата ѕвезда Капела од астрономското соѕвездие Кочијаш.

Лебед

Сврдел

На летното ѕвездено небо доминантно е соѕвездието Сврдел. Се наоѓа во проекција на астрономското Соѕвездие Лебед. Сврделот во минатото преку лето се користел околу изградба на куќи.

Лира

Пирустија и Маша

Покрај соѕвездието Сврдел се наоѓаат Маша и Пирустија кои се наоѓаат во астрономското соѕвездие Лира препознатливо по сјајната ѕвезда Вега.

Делфин

Крст

Покрај Млечниот Пат, познат кај нас како Попова Слама се наоѓа соѕвездието Крст. Тоа го претставува крстот кој му паднал на попот кога крадел слама од некој соселанец. Се наоѓа кај соѕвездието Делфин.

Голема Мечка

Арамии

Едно од најголемите соѕвездија кај македонците и најпознато на северното небо е Арамии (Ајдуци, Комити). Тоа се седумте сјајни ѕвезди од Големата Мечка. Понекаде се среќава дека двојната ѕвезда Мизар ги представува попот и ќерката кои се грабнати од ајдуците.

Андромедина Галаксија

Гумно

Галаксијата Андромеда, која во чистите ведри ноќи се забележува со голо око како мало облаче покрај Млечниот Пат кај нас е познато како Гумно, место каде што се врши житото. Постојат информации и за Мало Гумно кое најверојатно е астрономското ѕвездено јато Јасли.

ДРУГИ НЕБЕСНИ ПОЈАВИ

Во преданијата на народот не се забележува јасна разлика помеѓу атмосферските и вселенските појави и тела. Поради тоа во истражувањата за верувањата на народот поврзани со небото ја вклучивме и метеорологијата, како нова гранка – етнометеорологија. Следуваат само некои небесни појави кои се забележани и играат позначајна улога во истражувањата.

Млечен пат

Според преданијата Млечниот Пат се нарекува Попова или Кумова Слама. Имено, некој поп една вечер крадел слама од некој соселанец, но како што бегал му се истурала слама по патот. По пат му се скинало и паднало ланчето со крст . Кога Господ го видел овој голем грев, за вечен срам на грешниот ја пресликал сламата на небото. Во исто време се пресликал и крстот од ланчето на попот.

Планети

Најпознато небесно тело во народот после Сонцето и Месечината е Венра. Во народот обично е позната како ѕвезда Деница или Вечерница, зависно од периодот на денот кога се гледа. Освен Венера, забележани се и преданија за Јупитер кој се нарекува Мамикарван.

Комети

Непредвидливата појава на кометите во минатото предизвикувало страв и вознемиреност кај населението. Се сметало дека претставуваат наговестување на тешки времиња, глад, болести и војни. Во народот најчесто се нарекуваат ѕвезди со бајрак.

Метеори

Поради тоа што ѕвездите во народот се поврзуваат со животот на луѓето, паѓањето на некоја ѕвезда се поврзува со смрт на некој човек. Кога на небото ќе се виделе интензивни метеорски роеви или метеорски дожд, тоа во народот се толкувало како знак дека некаде се води војна каде што гинат многу луѓе.

Виножито

Виножитото представувало убав знак. Се вели дека тоа ја пие водата од реките и езерата и ја носи во облаците. Познати се и останатите светлосни феномени како прстенот околу Месечината кој се нарекува „бачило“, а светлината која некогаш се јавува настрана од Сонцето се вика „кучешки сонца“.

Гром

Постојат повеќе народни преданија кој се обидуваат да ја објаснат природата на громот и молњата. Според едно, Свети Илија ја брка ламјата која го собира бериќетот од нивите. Според друго, најверојатно многу постаро предание, змејот со огнени стрели ја гаѓа ламјата која прави штети на посевите.

Облаци

Облаците носат дожд, толку потребен за опстанокот на луѓето, но можат да донесат и невреме. Се верува дека облаците ги водат орли кои кружат и летаат пред нив за да им го покажат патот.

Теренски истражувања

Од 1982 година над триесет теренски истражувачи поминале над 120 населени места низ целата држава при што се интервјуирани повеќе од илјада најчесто постари лица. Најголем дел од саознанијата се објавени во книгата на Ѓоре Ценев, „Небото над Македонија“, објавена 2004 година.

Иако со овие истражувања е опфатена широка популација и скоро сите региони во државата, сепак постојат уште многу сведоштва и преданија кои што не се документирани. Поради генерацискиот јаз и современиот начин на живот, прекината е традицијата на усмено пренесување на ова исклучително важна компонента од културното наследство на македонскиот народ.

МИД – Македонско истражувачко друштво е невладина организација која во рамките на своите активности работи на проектот „Етноастрономија“. Од 2012. година Друштвото е акредитирана членка при Комитетот за нематеријално културно наследство на УНЕСКО. Во рамките на нашите можности ние правиме колку што можеме за да ги заштитиме овие древни преданија и митови од заборав.

Доколку имате некои сознанија на оваа тема, или пак доколку имате некои предлози кои би ни помогнале во нашата работа, слободно може да не контактирате.

МИД – Македонско истражувачко друштво

Поддржано од:

Проектен тим:

  • Ванчо Стојкоски
  • Марјан Николовски
  • Благоја Петрушев
  • Љупчо Илиевски
  • Катерина Рангелова
  • Горан Ташкоски